Научен труд на Јасмина Трајкоска и Јосипа Ризанкоска во списанието ПОЛИТИЧКА МИСЛА

Square

„ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА“ И ДВИЖЕЊЕТО „ЗА ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА“ СИМБОЛ НА БУДЕЊЕТО НА ПАРТИЦИПАТИВНАТА ГРАЃАНСКА КУЛТУРА ИЛИ ПОКАЗАТЕЛ НА ДЛАБОКАТА ПАРТИСКА ПОДЕЛЕНОСТ ВО МАКЕДОНСКОТО ОПШТЕСТВО? СТУДИЈА НА СЛУЧАЈ-ПРИЛЕП.

Политичко-општествената криза во Македонија во периодот од 2015-2017 година предизвика повеќе граѓански собири и манифестации на отпор од кои најмасовни и со најдолг континуитет беа движењето „Протестирам” (попознато како „Шарената Револуција”) од една и граѓанската иницијатива „За Заедничка Македонија” од друга страна. Во континуитет од повеќе од два месеци протестните собири се одвиваа во главниот град Скопје и во многу други градови низ Македонија.

Студија на случај во овој труд е градот Прилеп а се базира на емпириски податоци од две теренски анкети кои опфаќаат 141 учесници во „Шарената Револуција” и 89 учесници во протестите на „За Заедничка Македонија”.
Главното истражувачко прашање е дали овие движења може да се сметаат за предвесник на разбудената граѓанска свест во периферијата на Македонија или се’ уште се партиска алатка за добивање власт.
Во трудот се прави споредба на приоритетните барања на учеснците во протестите и нивните стравувања од можноста за граѓанска војна, меѓуетнички конфликт, федерализација или закана за безбедноста на Р. Македонија по мигрантскиот наплив во Европа. Постои длабок јаз помеѓу барањата и очекувањата на двете движења. Највидлив пример за тоа е што учесниците на двете движења иако декларативно се залагаат за казнување на корупцијата, се разликуваат во начинот на кој истото би требало институционално да се овозможи, т.е. додека учесниците во „Шарената Револуција” даваат поддршка на Специјалното Јавно Обвинителство, учесниците во протестите од „За Заедничка Македонија” декларативно се против истото и веруваат во постоечките институции.
Со овој труд аргументираме дека иако учесниците во движењата покажуваат спремност за учество во протестите што укажува на разбудена граѓанска (политичка) активност, тоа не е директен показател за разбудена партиципативна култура надвор од партиска мобилизација.

 

 

Целосниот текст на анализата на македонски јазик: Преземи