Базата на податоци од теренските истражувања за време на демонстрациите „Шарена Револуција” (мај 2016) и „За заедничка Македонија” (април 2017) е авторско дело на Др. Јасмина Трајкоска и Др. Јосипа Ризанкоска, во рамките на Здружението ДИЈАЛОГ – Центар за Делиберативна Демократија од Прилеп.
Истражувањето е спроведено со цел да придонесе на оние студии кои се базираат на емпириски податоци кои го истражуваат индивидуалното ниво на социјализација, структурна достапност и когнитивни рамки во внатрешноста на социјалното движење. Две посебни теренски анкети беа спроведени на територијата на Прилеп за време на двете движења, првата во периодот од 17-23 мај 2016 година, а втората во период од 17-27 април 2017 година. Вкупно 141 испитаник од Шарената Револуција и 89 испитаници од За Заедничка Македонија беа анкетирани за време на протестите.
Оневозможени да ја користиме стратегијата за одредување на примерокот по квоти, поради специфичноста на анкетирањето (фактот дека се анкетира на терен во сите фази на протестирање, вклучително и во движење), движењето успешно ги покрива во број, демографски состав и теренска концентрација за време на протестирањето користејќи го методот на возможност. Селекцијата на испитаниците беше по случаен избор, со посебен акцент на теренската покриеност/концентрација на групите за време на протести која беше овозможено благодарение на времетраењето на анкетирањето од 7 до 10 дена.
Првичниот пристап до испитаниците беше директен со анкетирање и запишување на резултатите од страна на анкетарите. На барање на некои од испитаниците, истите беа овозможени со копија од анкетата со целосни инструкции за пополнувањето на прашалникот, а испитаниците ги пополнуваа прашалниците под надзор и со помош на анкетарите. Дополнително, за оние активисти кои беа заинтересирани но кои поради конкретни активности за време на протестите беа временски спречени да ја пополнат анкетата, овозможена беше интернет верзија на анкетата. Сепак, оваа верзијата не може да се смета како метод, туку како средство за пополнување на прашалниците за оние демонстранти кои биле видени на терен. Анкетите беа анонимни.
Поради неизвесноста во однос на траењето на протестите и превенција од евентуално губење на можноста за прибирање податоци поради евентуален прекин на истите, пред- теренскиот тест беше направен во квази лабораториски услови со експерти и намерни испитаници кои се поддржувачи на протестите. Дополнително, првите триесетина анкети од Шарената Револуција и првите двесетина анкети од За Заедничка Македонија од терен беа спроведувани во полу-отворен карактер со цел евентуалните пропусти во составот на прашањата веднаш да бидат коригирани.
Учесниците и во двете движења во голема мера покажаа заинтересираност за учество во истражувањето, со тоа што само мал дел од дистрибуираните прашалници (2% од Шарената Револуција и 6% од За Заедничка Македонија) беа вратени непополнети.