
Триесетина граѓани на Прилеп, повеќето членови на граѓански здруженија или други организации, денес учествуваа на семинарот на кој се расправаше за начините за вклученост на граѓаните во креирањето јавни политики на локално ниво и за граѓанската партиципација како алатка за спречување на масовна емиграција. На семинарот беа презентирани првичните резултати од анкетата со македонски иселеници, со акцент на практиките за нивно учество во креирањето јавни политики пред и по иселувањето.
Предавачи на семинарот беа доц. д-р Јасмина Трајкоска Наумоска и д-р Јосипа Ризанкоска, која одржа онлајн предавање јавувајќи се од Лондон. Претседателката на Советот на Општина Прилеп, на наше големо задоволство, учествуваше во семинарот со свое излагање за практиките на Локалната самоуправа за соработка со граѓаните и граѓанскиот сектор, што уште повеќе го разбуди интерес за дебата.
Семинарот успешно ја зацрта својата примарна цел, да ја разбуди дебатата за практиките на граѓанска и политичка партиципација на ниво на општина Прилеп, а успеа да ја поврзе темата и со феноменот на масовното иселување. ДИЈАЛОГ по семинарот ќе ја прошири својата соработка со организации кои присуствуваа и сакаат да соработуваат во идеите за подобрување на локалната средина, а ќе го збогати и својот тим со нови волонтери. Општина Прилеп, како соработник во оваа активност, ќе остане клучен елемент во нашите идни заложби за учество во донесувањето одлуки и градење цврсти партнерства во насока на креирање политики базирани на докази и општествен дијалог.