ПРОМОЦИЈА НА СТУДИЈА И УМЕТНИЧКА ИЗЛОЖБА НА ПРОЕКТОТ „ИСПРАЗНЕТО ГНЕЗДО“

ДИЈАЛОГ – Центарот за делиберативна демократија со поддршка од Civica Mobilitas на 23 ноември, 2020 година го одржа настанот ИСПРАЗНЕТО ГНЕЗДО – Промоција на студија и уметничка изложба, преку платформата Zoom. На настанот се обратија авторките на трудот ЕМИГРАЦИИТЕ НА ГЕНЕРАЦИЈАТА „НЕЗАВИСНА МАКЕДОНИЈА“ д-р Јосипа Ризанкоска и доц. д-р Јасмина Трајкоска Наумоска; Сара Мустафа, Национален координатор за мали грантови нa Цивика мобилитас; Николина Ризанкоска-Антеска, проектен координатор, како и м-р Марија Конеска, визуелен уметник чиј проект ИСПРАЗНЕТО ГНЕЗДО беше инспирација за истражувањето.
Поставката може да ја видите во видеото што премиерно беше прикажано на настанот.
Оваа студија се заснова на емпириски податоци од анкета со 915 македонски иселеници во светот. Анкетата беше спроведена онлајн во септември 2020 година. Испитаници може да бидат било кои иселеници од С. Македонија, без оглед на род, возраст, етничка припадност и без оглед на годината на иселување. Под иселеник во оваа студија подразбираме лице родено во Македонија, кое има моментален статус на резидент во странска држава, а може да е сѐ уште државјанин на С. Македонија или да се откажало од македонското државјанство за да го земе тоа на новата држава. Во испитувањето не се земени предвид втора ганерација на иселеници (лица родени во странска држава на еден или двајца родители Македонци). Испитаниците може да бидат членови на исто семејство доколку истите формираат различни домаќинства (или живеат независно) по емигрирањето.
Убедливо најголем број испитаници кои моментално живеат во Европа доаѓаат од Германија (37%), а потоа се Обединетото Кралство, Австрија, Словенија, Шведска и Швајцарија. Земји во кои има исто така поголем број иселеници се Норвешка, Франција и Холандија.
На прашањето „Според вашето искуство, полесно беше да се иселите отколку да останете во Македонија?“ 74% од испитаниците одговориле позитивно, а само 10% одговориле негативно.
На прашањето „Кои беа трите најголеми причини за Вашето иселување од Македонија?“, испитаниците во најголем дел (70%) навеле дека е неповолната политика клима во државата, што подразбира партизирано општество, непотизам, корупција, недоверба во изборните процеси, клиентелизам, загаден медиумски простор и сл.
Иселениците не биле особено активни во процесите на креирање локални и национални политики пред иселувањето, генерално поради високиот степен на недоверба во (па и непознавање на) институциите.
Истражувањето, најважно од сѐ, укажува на високиот степен на граѓани кои воопшто не планираат да се вратат во Македонија (дури и во случај на нејзино интегрирање во ЕУ) и уште повисокиот степен на граѓани кои допрва планираат да ја напуштат поради (повторно) политичко-економската ситуација во земјата.

Додека најголем дел од испитаниците во ова истражување планираат во иднина да купат или да го одржуваат својот постоечки имот во С.Македонија (42%), 46% од испитаниците не планираат да инвестираат таму, а само 14.5% планираат да инвестираат. Најголемиот дел (скоро 50%) од испитаниците планираат да живеат надвор од С. Македонија засекогаш, 13% планираат да останат во странство до пензија, а 16% планираат да живеат надвор од земјата на долг рок (повеќе од 5 години).
Убедливи 62% од испитаниците не би се вратиле во С.Македонија поради нејзината интеграција во Европската Унија, а скоро 20% одговориле дека можеби би се вратиле. Конечно, дури 87% од испитаниците изјавиле дека познаваат некој кој или се подготвува или во догледна иднина планира да се отсели од земјава.
Меѓу главните препораки на авторките на студијата е неопходноста од итно спроведување попис на населението, што би овозможило планирање на ефективни (демографски, социјални и економски) политики во земјата и кон иселениците. Понатаму како неопходни чекори се наведува дека јавните политики треба исклучиво да се базирани на анализи и докази а не на чисто партиски и/или Владини
интереси, како и дека е потребна департизација на државните институции преку воведување на системот на заслуги (мерит систем) при вработување во институциите на локално и централно ниво,
како основна мерка за зголемување на нивната ефикасност и ефективност. Исто така е неопходен услов за подигнување на нивото на доверба во нив од страна на граѓаните (како мерка против непотизмот и клиентелизмот).


