ИСПРАЗНЕТО ГНЕЗДО

Square

„ИСПРАЗНЕТО ГНЕЗДО“

е проект на ДИЈАЛОГ чија општа цел е подигнување на свеста кај македонскиот граѓанин за проблемот со масовното иселување од државата.

Специфичната цел на проектот е зголемување на граѓанската партиципативност во Р.С. Македонија како средство за намалување на иселувањето и побрзи евроинтеграции.

Временска рамка за реализација на проектот е во периодот од август до декември 2020 година, а предвидени се следните главни активности:

  1. Истражување на мислењето на иселениците за проблемот со масовното иселување (анкета со иселеници и изработка на конечна студија).

  2. Семинар(и) на тема „Начини за вклученост на граѓаните во креирањето јавни политики на локално ниво“.

  3. Кампања за важноста од граѓанско учество во креирањето јавни политики за намалување на масовното иселување и побрзи евроинтеграции преку подготовка и поставување на уметничка изложба на територија на Општина Прилеп на уметницата м-р Марија Конеска  и изработка и споделување на неделни инфографици со резултати од истражувањето, и

  4. Застапување на резултатите пред владини институции и политички партии.

Покровител на „Испразнето гнездо” е програмата за мали грантови на Цивика Мобилитас, проект на Швајцарската агенција за соработка и развој (СДЦ), претставен од швајцарската амбасада во Република Северна Македонија, кој го спроведуваат НИРАС од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и ФЦГ Шведски развој АБ (ФЦГ Шведска).

СЕМИНАР
„Начини за вклученост на граѓаните во креирањето јавни политики на локално ниво“
3 октомври 2020

Триесетина граѓани на Прилеп, повеќето членови на граѓански здруженија или други организации, денес учествуваа на семинарот на кој се расправаше за начините за вклученост на граѓаните во креирањето јавни политики на локално ниво и за граѓанската партиципација како алатка за спречување на масовна емиграција. На семинарот беа презентирани првичните резултати од анкетата со македонски иселеници, со акцент на практиките за нивно учество во креирањето јавни политики пред и по иселувањето.

Предавачи на семинарот беа доц. д-р Јасмина Трајкоска Наумоска и д-р Јосипа Ризанкоска, која одржа онлајн предавање јавувајќи се од Лондон. Претседателката на Советот на Општина Прилеп, на наше големо задоволство, учествуваше во семинарот со свое излагање за практиките на Локалната самоуправа за соработка со граѓаните и граѓанскиот сектор, што уште повеќе го разбуди интерес за дебата.

Семинарот успешно ја зацрта својата примарна цел, да ја разбуди дебатата за практиките на граѓанска и политичка партиципација на ниво на општина Прилеп, а успеа да ја поврзе темата и со феноменот на масовното иселување. ДИЈАЛОГ по семинарот ќе ја прошири својата соработка со организации кои присуствуваа и сакаат да соработуваат во идеите за подобрување на локалната средина, а ќе го збогати и својот тим со нови волонтери. Општина Прилеп, како соработник во оваа активност, ќе остане клучен елемент во нашите идни заложби за учество во донесувањето одлуки и градење цврсти партнерства во насока на креирање политики базирани на докази и општествен дијалог.

Семинарот е дел од активностите на проектот „Испразнето гнездо“, на кој му претходеше анкета со 906 македонски иселеници, а ќе му претстои анализа и објавување на студија, дисеминација на резултатите во вид на инфографици и застапување на препораките до сите политички чинители во земјава. Во ноември 2020 м-р Марија Конеска ќе постави уметничка инсталација на тема „Испразнето гнездо“, на неколку локации низ Прилеп.